Грчките истражители продолжуваат да го расчистуваат случајот со мртвото бебе чие тело беше пронајдено во куфер во стан изнајмен преку „Airbnb“ во атинската населба Кипсели. Во текот на истрагата се појавиле нови информации кои отвораат дополнителни прашања за тоа што се случувало во станот.
Според полициски извори, на телото на новороденчето биле забележани траги на грбот кои предизвикале сомнеж дека можеби станува збор за кривично дело. Сепак, конечниот одговор за причината за смртта треба да го даде обдукцијата.
Полицијата истовремено ги проверува и околностите поврзани со две малолетни момчиња, на возраст од 12 и 9 години, кои биле пронајдени во станот и потоа хоспитализирани. Според полициски информации, кај нив биле констатирани сексуално преносливи инфекции.
Во станот, според досегашните сознанија, биле пронајдени и куфери со предмети кои истражителите ги проверуваат како дел од истрагата.
Од објектот бил изведен 43-годишен Грк, кој престојувал таму заедно со 38-годишна жена од Германија. Полицијата претресла и друга куќа во која двојката претходно живеела, на улицата Филис, поради сомнеж дека телото на бебето можеби било преместувано.
Според информациите што ги објавуваат грчките медиуми, 43-годишниот маж, Германката и нивната 15-годишна ќерка би можеле првично да бидат обвинети за непријавување на смртта на лице.
Дополнително, полицијата истражува сомнежи за поседување дрога, при што како осомничени се споменуваат 43-годишникот и 26-годишен државјанин на Авганистан, кој бил во врска со 15-годишната девојка.
Особено важно за истрагата ќе биде утврдувањето на потеклото на новороденчето. Германката тврдела дека бебето било нејзино, но истражителите утврдиле дека и таа и нејзината 15-годишна ќерка биле бремени.
Затоа се очекуваат резултатите од ДНК-анализите и обдукцијата, кои треба да помогнат да се утврди кој е родител на бебето и што точно му се случило.
Случајот бил откриен откако управителот на имотот ја повикал полицијата поради проблеми со неплатена кирија и сомнежи дека во станот се користела дрога. Наместо вообичаена интервенција поради станарски спор, полицајците наишле на случај кој сега е предмет на сериозна истрага.







