На 16 октомври, кога се навршуваат 19 години од смртта на Тоше Проески, во спортскиот центар „Грипе“ во Сплит ќе се одржи концертот „Тоше засекогаш – музика што живее“. Почетокот на музичкиот настан е закажан за 20 часот, а програмата ќе биде посветена на музичкото наследство на македонскиот пејач.
На сцената ќе настапи Македонскиот симфониски оркестар, под диригентство на Владимир Димовски, заедно со изведувачи од Македонија и гости од регионот.
Меѓу најавените македонски пејачи се Димитар Андоновски, Стојне Николова, Бојана Скендеровски, Огнен Здравковски, Александар Тасевски и Сеид Алиовски.
Од Хрватска ќе учествуваат Антонија Шола, Ивана Ковач и Петар Драгојевиќ, додека од соседните земји ќе пристигнат и Бојан Маровиќ од Црна Гора и Илма Карахмет од Босна и Херцеговина.
Публиката ќе има можност да ги слушне познатите песни на Тоше Проески во оркестарски аранжмани, а концертната програма ќе вклучува и македонски традиционални композиции.
Организаторот на настанот, Александар Ивановски, Македонец кој живее во Хрватска, за весникот „Вечер“ изјавил дека побарал дозвола од семејството на пејачот и дека првично добил одобрување. Според него, авторските права за изведбите се регулирани преку хрватската организација ЗАМП.
Сепак, семејството на Тоше претходно јавно се огради од концертот. Од таму посочиле дека не учествуваат во организацијата на настанот и дека не дале официјална согласност за неговото одржување.
Тоше Проески го загуби животот на 16 октомври 2007 година, во сообраќајна несреќа во Хрватска, кога имаше само 26 години. Неговата музика и денес продолжува да допира до публиката во Македонија и поширокиот регион.
Во пресрет на дваесетгодишнината од неговата смрт, која ќе се одбележи следната година, семејството најавило дека подготвува посебен настан во Македонија.









