ПРВ.мк
Македонија

ПРОПАДНА ИДЕЈАТА ЗА СТАРСКИ ДОМ ВО ВЕЛЕС: „Вила Зора“ крие сериозен проблем, а градот бара друго решение!

ПРОПАДНА ИДЕЈАТА ЗА СТАРСКИ ДОМ ВО ВЕЛЕС: „Вила Зора“ крие сериозен проблем, а градот бара друго решение!

Поранешниот хотел „Вила Зора“ во Велес нема услови за да биде пренаменет во дом за стари и изнемоштени лица. Ова го покажале испитувањата на надлежните од Министерството за труд и социјална политика, чии наоди ги соопшти градоначалникот Марко Колев.

Проверката на објектот, изграден во 1985 година за згрижување стари лица, била спроведена со учество на претставници на Министерството и на локалната власт. Целта била да се утврди дали поранешниот хотел може повторно да се користи како старски дом за жителите на Велес и Велешко.

Градоначалникот Колев посочи дека првичната желба на општината била токму овој објект да добие нова намена, но дека законските и техничките услови не го дозволуваат тоа.

„Моја желба, како и желба на претставниците на локалната власт, беше хотелот ‘Вила Зора’ да биде пренаменет во старски дом. Врз основа на законските и подзаконските акти и правилници, таму нема услови што се потребни и објектот не ги исполнува. Имаме тесни ходници, недоволно големи лифтови – ова се дел од недостатоците. Имаше посета за да се види дали и што може да се преуреди. Такво нешто, ако се стори, би ја нарушило статиката на објектот и затоа не е можно да се извршат никакви градежни зафати“, изјави Колев.

Тој додаде дека во околината на Велес веќе има неколку одобренија за започнување изградба на приватни старски домови, а локалната власт разгледува и друга можност за обезбедување простор за згрижување на повозрасните лица.

Една од опциите е поранешното основно училиште „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“. Бидејќи е познато дека во објектот треба да биде сместен и клон на градинка, Колев смета дека би било интересно на едно место да функционираат и содржини за деца и простор за повозрасни лица.

„Познато е дека таму ќе има клон на градинка, па делува симпатично во иста зграда да бидат и деца и повозрасни лица. Тоа е тренд во светот“, рече градоначалникот.

Од старски дом со 160 легла до објект без јасна нова намена

Објектот „Вила Зора“ бил изграден во 1985 година и првично функционирал како старски дом со капацитет од 160 легла распоредени во 60 соби. Подоцна бил трансформиран во комбинација од старски дом и хотел, а во следниот период се користел исклучиво како хотел.

Денес, во еден негов дел е сместен Техничко-технолошкиот факултет со седиште во Велес, кој е дел од Универзитетот „Свети Климент Охридски“ (УКЛО) од Битола.

Изградбата на објектот била финансирана со средства од две институции. Здружението на борците обезбедило 60 отсто од вложувањата, додека преостанатите 40 отсто биле средства на Фондот за здравство.

Борците подоцна својот дел од објектот му го отстапиле на располагање на Општина Велес, а за возврат добиле две простории на трајно користење.

Фондот за здравство, пак, својот удел подоцна го префрлил на Владата. Владата потоа му го отстапила на користење на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола, кој во објектот го сместил Техничко-технолошкиот факултет со седиште во Велес.

Неуспешни обиди за нова намена

Во изминатите години имало неколку обиди објектот да добие нова функција, но ниту еден не дал резултат.

Во 2012 година била разгледувана можноста „Вила Зора“ да стане студентски дом. Тоа се случувало во период кога во Велес имало четири факултети, но идејата не била реализирана.

Неуспешен бил и обидот објектот да се продаде. Во 2020 година бил објавен јавен повик во два наврати, со почетна цена од 70 милиони денари, односно повеќе од 1,1 милиони евра. Сепак, не се појавиле заинтересирани инвеститори.

И покрај големата потреба од сместувачки капацитети за старите лица, Велес останува еден од ретките поголеми градови во Македонија што нема старски дом. Откако е утврдено дека „Вила Зора“ не може да се пренамени за оваа цел, останува отворено прашањето каде и на кој начин ќе се обезбеди соодветна грижа за повозрасните жители на Велес и околината.