22-годишен жител на Штип ќе се соочи со соодветна пријава откако на социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа како дрифтува со автомобил без регистарски таблички, иако воопшто немал стекнато право да управува со моторно возило.
Од Секторот за внатрешни работи Штип информираат дека по преземените полициски мерки, на 14 октомври полициските службеници го пронашле С.К. и извршиле службен разговор со него.
Видеото било објавено на 12 октомври, а на него се гледа како младиот штипјанец управува патничко возило „опел“ без регистарски ознаки и намерно предизвикува пролизгување на автомобилот.
При преземањето на полициските мерки било утврдено дека 22-годишникот го управувал возилото пред воопшто да се стекне со право за управување.
За случајот е известен јавен обвинител, а од полицијата најавуваат дека по целосното документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.







