Јелена Ѓоковиќ со години е позната по тоа што отворено зборува за теми кои многумина ги избегнуваат – од родителство и здрави животни навики до ментално здравје. Сопругата на најдобриот тенисер на сите времиња во повеќе наврати јавно зборуваше за својата борба со анксиозноста и призна дека долго време се обидувала да ги исполни очекувањата кои самата си ги наметнала.
Како што раскажа Јелена Ѓоковиќ своевремено, верувала дека може да одговори на сите предизвици што ги носат бракот, мајчинството и бројните деловни обврски. Сепак, со текот на времето сфатила дека се запоставила себеси.
„Бев анксиозна, тоа ме уништи. Ја уништи мојата слика за себе. Мислев дека сум супержена, дека можам да одговорам на сите потреби на мојот сопруг и децата, а потоа морав да се соочам со своите стравови“, изјави сопругата на Новак Ѓоковиќ.
„Анксиозноста и стресот не се шега“
Јелена призна дека во одредени периоди од животот чувствувала огромен товар кој влијаел на нејзината самодоверба, односите со луѓето и подготвеноста да прифати нови искуства.
– Понекогаш се чувствував преоптоварено, што многу влијаеше на моите резултати и на отвореноста за нови искуства, учење и пријателства. Анксиозноста и стресот не се шега – порача таа.
Токму поради тоа, таа одлучи поактивно да се вклучи во проекти кои го промовираат менталното здравје на младите и ја подигаат свеста за важноста на разговорот за психолошките проблеми.
„Луѓето ме гледаат само како сопруга на Новак“
Во едно од своите најискрени признанија, Јелена зборуваше и за тоа како долго време ја погодувало тоа што јавноста нејзината работа често ја набљудува низ призмата на успехот на нејзиниот сопруг.
– Се обидував да се натпреварувам со Ноле. Мислев дека не го добивам комплиментот и признанието што го заслужувам и дека мојата работа не се гледа бидејќи сè се одвива во позадина. Сè што правев беше невидливо – рече таа.
Таа додаде дека со текот на времето научила да ја прифати својата позиција и дека денес со гордост ја носи титулата сопруга на Новак.
– Некогаш ме болеше што бев препознаена само како негова сопруга, а сега тоа го носам со гордост – објасни таа.
Мајчинството го промени погледот на животот
Јелена зборуваше и за предизвиците на родителството, признавајќи дека улогата на мајка целосно ги променила нејзините приоритети.
– Посветена сум им на децата и им се давам во целост. И Новак ми е како дете, бара многу внимание. Имам полни раце работа – се нашали таа во една прилика.
Иако не ја исклучува можноста за проширување на семејството, вели дека во моментов не размислува за тоа бидејќи е целосно посветена на децата и на семејниот живот.
Експертите истакнуваат дека анксиозноста е природна реакција на организмот на стресни ситуации, но дека проблемот настанува кога стравот, грижата и напрегнатоста ќе станат секојдневни и ќе почнат да влијаат врз квалитетот на животот.










