СВР Куманово поднесе кривични пријави против две 52-годишни лица од Куманово, поради сомнежи за повеќе кривични дела поврзани со уништување на заштитено културно наследство, бесправно градење, узурпација на државно земјиште и несовесно работење во службата.
Според информациите од полицијата, првопријавениот во текот на 2023 година ја урнал куќата на која се наоѓала спомен-плоча посветена на народниот херој Киро Нацев Фетак. Објектот бил дел од регистарот на заштитени спомен-обележја на Општина Куманово и уживал статус на културно наследство.
По уривањето на објектот, истиот осомничен, кој се јавува и како инвеститор, на истата локација изградил нов објект од втора категорија, без претходно да обезбеди одобрение за градење од надлежниот општински сектор за урбанизам. Дополнително, според наводите во пријавата, градбата е изведена на земјиште во државна сопственост.
Втората пријавена, која во тој период работела како овластен градежен инспектор, се сомничи за несовесно работење во службата. Таа, според сомнежите, донела решение врз основа на нецелосно и неточно утврдена фактичка состојба, иако била должна да изврши детална проверка на терен и да утврди реална состојба.
Од МВР посочуваат дека надлежните институции ќе ги испитуваат сите околности поврзани со случајот во понатамошната постапка, по што ќе следуваат дополнителни одлуки согласно законот.







