Холивудскиот актер Џони Деп бил жртва на сериозна финансиска измама, откако 27-годишен државјанин на Јордан наводно добил пристап до податоците од неговата банкарска картичка и направил трошоци кои надминуваат 620 илјади евра, пренесуваат странските медиуми.
Според информациите, Деп наводно повеќе од две години не забележал дека од неговата сметка исчезнуваат големи суми пари. Сомнителните трансакции биле откриени дури кога банката ги означила како невообичаени и покренала истрага.
Истражителите утврдиле дека се работи за вкупно 308 одделни трансакции, а трагата ги одвела до осомничен маж кој изнајмувал стан во Будимпешта.
Унгарските власти тврдат дека осомничениот ги користел податоците од картичката на актерот за онлајн купувања, како и за разни резервации за сместување и услуги. Полицијата ја следела дигиталната трага преку интернет-нарачки, електронски адреси и телефонски броеви поврзани со трансакциите.
Според истрагата, случајот бил отворен на почетокот на годината, откако американска финансиска институција пријавила сомнителни исплати до унгарската канцеларија на ФБИ. Подоцна било утврдено дека жртвата е токму Џони Деп, кој, според наводите, не реагирал на трансакции извршувани во период од јануари 2024 до декември 2025 година.
При претрес на станот на осомничениот биле пронајдени електронски уреди за кои постои сомнеж дека се користеле во измамата, како и супстанции за кои властите веруваат дека се наркотични средства, поради што е отворена и дополнителна истрага.
Иако осомничениот ги негира обвиненијата, судот му одредил истражен притвор, додека истрагата продолжува со цел да се утврди како точно биле компромитирани податоците од картичката и дали постојат дополнителни лица вмешани во случајот.









