На денешен ден, 15 јули 1997 година, светот беше потресен од веста за бруталното убиство на еден од најголемите модни генијалци на сите времиња – Џани Версаче. Речиси три децении подоцна, случајот официјално е затворен, но едно прашање и понатаму останува без јасен одговор – зошто беше убиен славниот дизајнер?
Версаче беше застрелан пред својата луксузна вила во Мајами Бич, додека се враќал дома. Напаѓачот бил Ендру Кјунанан, човек кој во тој период веќе бил баран поради серија убиства низ САД. По ликвидацијата на модниот магнат, Кјунанан осум дена подоцна си го одзел животот со истиот пиштол со кој го извршил злосторството.
Кјунанан бил одговорен за смртта на уште четири лица пред убиството на Версаче, но вистинскиот мотив за неговите злосторства никогаш не бил целосно откриен. Бидејќи не оставил проштално писмо, истражителите никогаш не добиле конечен одговор за причините што стоеле зад неговиот крвав поход.
Според сведочењата на очевидците, Кјунанан му пришол на Версаче пред неговиот дом и испукал два куршуми од непосредна близина. Лекарите во болницата можеле само да ја потврдат смртта на еден од највлијателните дизајнери во историјата на модата.
Иако Версаче бил последната жртва на Кјунанан, никогаш не била целосно докажана поврзаност меѓу сите лица кои тој ги убил. Токму ова оставило простор за бројни шпекулации и теории кои со години кружеле во јавноста.
Една од најпознатите теории била дека Кјунанан и Версаче можеби се познавале од порано. Се зборувало дека двајцата се сретнале во Сан Франциско, но никогаш не било потврдено дали станувало збор за случајна средба или за некаква подлабока поврзаност.
Во јавноста се појавиле и сомневања дека зад убиството можеби стоела италијанската мафија. Таквите теории биле поттикнати од начинот на кој било извршено злосторството, бидејќи истрелите од непосредна близина потсетувале на мафијашки егзекуции.
Неколку години по убиството, двајца високорангирани мафијашки припадници тврделе дека Кјунанан бил само извршител и дека Версаче наводно бил убиен поради поврзаност со финансиски криминал и перење пари. Сепак, овие тврдења никогаш не биле потврдени со докази.
По смртта на Кјунанан, полицијата официјално го затворила случајот, оставајќи ја мистеријата за мотивот зад едно од најпознатите убиства во светот на модата.
Џани Версаче е роден во 1946 година во Италија. Иако по образование бил архитект, никогаш не работел во таа професија, туку ја следел својата најголема страст – модата, инспириран од својата мајка која била кројачка.
Во 1978 година ја основал својата прва модна куќа во Милано, град кој подоцна станал едно од најважните места во светската модна индустрија. Неговите дизајни брзо привлекле внимание, а неговите клиенти станувале сè попознати и влијателни личности.
Версаче создавал модели кои ја истакнувале женската убавина и силуета, но истовремено носеле препознатлив луксуз и елеганција. Неговиот стил брзо го претворил во една од најголемите имиња во светот на високата мода.
Освен со своите креации, јавноста често се интересирала и за неговиот приватен живот. Версаче отворено зборувал за својата сексуална ориентација и никогаш не ја криел својата врска со партнерот Антонио Д’Амико, со кого живеел во вилата во Мајами каде што трагично го загубил животот.
Само неколку дена пред убиството, дизајнерот ја прославил успешната модна ревија во Париз, опкружен со најпознатите манекенки и луѓе од светот на модата.
По неговата смрт, модната империја ја презела неговата сестра Донатела Версаче, која продолжила да го развива брендот што и денес останува симбол за луксуз, престиж и светска мода.
И покрај огромната слава и успех што ги постигна, приказната за Џани Версаче останува обележана со едно од најголемите нерешени прашања во модерната историја на криминалот – што навистина го натерало неговиот убиец да го избере токму него за последна жртва?







