Градоначалникот на општина Брвеница, Јовица Илиевски, денеска изврши увид во неколку значајни градежни проекти кои се реализираат во селата Милетино, Блаце и Челопек.

Во село Милетино, проектите кои се во тек вклучуваат целосна реконструкција на улицата „Стар пат за Челопек“, која ќе овозможи подобра транспортна инфраструктура за жителите, како и изградба на ново детско игралиште, наменето за најмладите жители на селото. Покрај тоа, завршено е поставувањето на термоизолациона фасада на основното училиште, што значително ќе ги подобри енергетските својства на зградата и условите за настава.

Во село Блаце, завршени се работите на три улици, каде што се поставени бегатон плочки, додека во четвртата улица градежните активности продолжуваат со задоволителна динамика.

Дополнително, градоначалникот Илиевски направи увид и во завршениот проект за асфалтирање и уредување на црковниот двор на црквата „Света Богородица“ во село Челопек. Овој проект е дел од пошироката стратегија за унапредување на јавната инфраструктура и културното наследство на општина Брвеница.

„Проектите кои се веќе завршени се изведени со висок квалитет, а останатите се во тек и се реализираат според планираната динамика“, истакна градоначалникот Илиевски.

Со овие проекти, општина Брвеница продолжува со континуираниот развој на инфраструктурата и создавање на подобри услови за живот за своите граѓани.