ПРВ.мк

Битола како градилиште – нови проекти и рекордна финансиска стабилност

Битола како градилиште – нови проекти и рекордна финансиска стабилност
VERO Banner

Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски:

Денес, кога на дневен ред е Завршната сметка на Општина Битола за 2024 година, моето обраќање сакам да го започнам со голема благодарност до граѓаните за нивната трпеливост, затоа што градот навистина е големо градилиште, таква беше состојбата во поголемиот дел од 2024 година, а и на почетокот на 2025.

Знам дека промената на режимот на сообраќај на повеќе улици, некогаш предизвикува нервоза кај возачите, но тоа е единствениот начин, за да можеме да ги подобриме улиците во нашиот град, да инвестираме на локации каде повеќе од 20 години не се интервенирало, да ја промениме подземната инфраструктура, да изградиме нов влез во Битола, да се изгради топловодот и секако да реализирам капитални проекти, како изградбата на новата противпожарна зграда, новата детска градинка во АРМ и други проекти.

Со ваквата динамика, нескромно можам да речам дека визијата со која започнавме да работиме пред 4 години, се реализира и промените во Битола се видливи. Секако дека, невозможно е се да се реализира се одеднаш, но со самото тоа што реализацијата на Буџетот за четвртиот квартал на 2024 е 81,73%, а над 80% сме реализирале и во 2022 и 2023, потврдува дека подготвеноста на проектната документација и посветеното работење на терен, резултира со изведба на конкретни проекти на терен.

Во делот на капиталните расходи, имаме значително зголемен процент на реализација, во споредба со периодот од 2018 до 2021, кога реализацијата била од 38,17% до максимум 64,21%, а во последните 3 години се движи од 71,52% до максимум 77,38% а за 2024 овој процент изнесува 72,75 %.
Пред нас се многу започнати проекти и многу нови кои наскоро ќе започнат, согласно одобрените средства од Владата за 16 нови проекти, од кои склучени се договори за 10 проекти, 1 е во процес на евалуација, 1 пред потпишување на договор, 1 во постапка на јавна набавка и за 3 проекти започната е изведба.

Годината што измина, донесе позитивни вести за уште еден проект за кој се зборува повеќе од 15 години, а за кој според досегашните спроведени постапки очекуваме позитивен исход и брз почеток на реализација. Тоа е проектот за Иградба на пречистителна станица и рехабилитација и надградба на канализационата мрежа во Општина Битола, за што првиот дел од постапката е завршен, а во тек е евалуацијата за избор на надзор над изградбата, со што конечно еден проект со проценета вредност во 2017 од 27,8 милиони евра, конечно ќе ја види светлината на денот и ќе овозможи решавање на еден голем проблем за Битола. Единствениот трошок за досегашните активности, кој го имаше Општина Битола за овој проект, беше сместувањето и патните трошоци за членовите на Комисиите за евалуација, кои како претставници на општината, потребно беше да бидат активно вклучени во постапките. Токму затоа, во тој дел на трошоци имаме и мало зголемување, што е неспоредливо со важноста и вредноста на проектот во кој беа вклучени и за што искрено им сум благодарен за професионалноста и посветеноста.

Општина Битола, во овој момент се наоѓа во добра финансиска кондиција, така што на сметките има 303.246.704 денари, побарувањата на општината по основ на данок на имот за правни лица изнесуваат 59.208.321 денари, а за физички 150.350.301 денари. Исто така, за одобрените проекти, кои ќе бидат финансирани од Владата, општината ќе добие 230.453.784 денари, а ќе добие и дополнителни 707 милиони денари од новиот повик.

Износот на доспеани фактури за општина Битола е 50.021.612 денари, што потврдува дека локалната самоуправа делува организирано и плански, притоа водејќи сметка за динамиката на реализација, квалитетот на извршената работа и исплатата кон изведувачите.

Поготвени сме, да аплицираме и на вториот Јавен повик за државна финансиска помош на општините со средствата од унгарскиот кредит со околу 30-тина проекти, кои транспарентно беа претставени пред јавноста, а преку спроведената анкета добивме повратен одговор и за други проекти за кои битолчани имаат потреба од реализација.

Со асфалтирањето на улицата „Захарија Шумљанска” во должина од 1453 метри, се реализира долгогодишното барање на граѓаните, за обезбедување на соодветен пристап до Светонеделските гробишта.

Накратко сакам да потсетам на она што е завршено во 2024 и се работи на терен во моментот. Од патната инфраструктура, во руралните средини ги завршивме улиците во село Цапари во должина од 1478 метри, во Горно Оризари во должина од 2028 метри реализиравме комплетна инфраструктура на 11 краци и исто толку краци во должина од 2.303 метри во Долно Оризари.

Го завршивме проектот за локалниот пат до с. Магарево во должина од 537метри, а во Цапари ја подобривме патната инфраструктура во должина од 1278 метри.

Со асфалтирање на вториот дел од улицата СТУ 1, општина Битола го финализира проектот за изградба на коловоз на улицата СТУ 1 во АРМ Четврт 1.

И покрај сите проблеми со кои се соочивме при изведбата, ја завршивме реконструкцијата на улиците во населбата Недопирливи.

Продолжуваме со реконструкцијата на улицата „Бурса“, едно долгогодишно барање на стопанствениците од овој дел на градот, со што значително ќе се подобрат условите за нивно непречено секојдневно работење. Реконструкцијата се врши во должина од 2,4 километри.

Се реконструира дел од коловозот на ул.„Индустриска“, на потегот од влезот во населбата Боримечка, до мостот на реката Курделес.

Улицата „Стив Наумов“ се реконструира во должина од 2 километри, а проектот вклучува реконструкција на водоводната, канализационата мрежа и коловозот.

Се работи на комплетна реконструкција на дел од улицата „Нико Фундали“, а продолжуваме и со улица „Солунска“. Работиме на улиците „150“, „170“ и „210“.

Со реализацијата на проектот “Изградба на коловоз, улично осветлување, водоводна и канализациона мрежа на улица кај Дулие – Општина Битола”, се изгради соодветна инфраструктура кај трговскиот комплекс „Блис“, а во моментот се работи на доуредување на просторот кај кружниот тек „Дулие“.

Територјалната противпожарна единица добива нов објект кој е во финална фаза на изградба, планинарскиот дом Копанки, исто така е во напредна фаза, како и новата детска градинка во АРМ, а прифатилиштето за бездомни животни „Хачико“ е ставено во функција.

Работиме на изградба на велосипедските патеки во должина од над 5 километри, изградивме „Памп Трак“ полигон за велосипеди во градскиот парк, ја завршивме Изградбата на најатрактивната рекреативна патека за битолчани, патеката „Тумбе кафе – Смолево“, а го оспособивме и Новиот „Бајк парк Смолево“, како рекреативната зона за сите генерации.
Ги реконструиравме спортските игралишта во ОУ „Елпида Караманди“, а во соработка со ФФМ, го поставивме рефлекторското осветлување на стадионот „Петар Милошевски“, со што го оспособивме за ноќни натпревари, а во соработка со ЈП Комуналец поставивме лед светло за целосно осветлување на теренот на помошното фудбалско игралиште „Павел Шатев“, познато како Ќумурното игралиште во Битола.

Со новите проекти, на 11 локации во Општина Битола, значително ќе се подобри спортската инфраструктура и условите за спортски активности.

Реализиравме инвестиции во повеќе основни и средни училишта, преку проекти и со сопствени средства, а преку проектот ,,Сончеви училишта”, инсталирани се фотоволтаични соларни централи на училиштата: „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ с. Кукуречани и ОУ „Крсте Петков Мисирков“ од с. Бистрица. Проектот има бенефит и за животната средина, а ќе придонесе и за заштеда на финансиски средства.
Со активностите од проектот „ЕУ за чист воздух“, градот е оплеменет со над 1000 садници.

Во делот на обезбедувањето на дигитални услуги, ставен е во функција модулот за електронска проверка и плаќање на даночните обврски кон општината, како и ГИС платформата која служи за управување со урбанистичко-планска документација и други просторни инфраструктурни податоци, која ја унапредува ефикасноста и точноста во работата на општината и комуналните претпријатија кои се во нејзина надлежност, ја зајакнува комуникацијата со другите претпријатија, бизнис заедницата и граѓаните, а овозможува и исполнување на законските обврски.
Го дигитализиравме внатрешното работење на општинската администрација преку ДМС систем, кој планираме да го отвориме и за граѓаните да можат своите барања да ги доставуваат во општината електронски, без да доаѓаат во општината.
Изготвен е модул за електронски субвенции и очекувам јавните повици за субвенции кои ќе следуваат да се спроведат комплетно и успешно електронски.
Наскоро, ќе биде промовирана и алатката bitolacitybus, која е изработена од страна на Ротари клубот од Битола, како веб и мобилна апликација, со што граѓаните ќе имаат информација за сите автобуски линии и движењето на автобусите во реално време. Ова е и еден од начините да се стимулира користењето на јавниот превоз.

Отвореноста и транспарентноста на општината ја потврдивме и преку буџетски форуми и форуми во заедницата за процесот на праведна транзиција.

Во интерес на времето, нема да навлезам во деталите од програмите за социјална заштита, еднакви можности, култура, туризам и друго. Извештаите за истите ќе бидат претставени пред вас, како и досега на седницата по усвојувањето на завршната сметка, но Ве уверувам дека и тие се максимално реализирани.

И оваа година, подготвени со проектна документација и обезбедени финансиски средства, продолжуваме со реализација на нови проекти, изградба на патишта, спортски објекти и други инвестиции.

Agria
Stenton
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран