Украина никогаш нема да ги признае териториите окупирани од Русија, изјави денеска украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Никогаш нема да признаеме ниту една од териториите окупирани од Русија. Тоа е факт. Нашиот народ се бореше за ова, нашите херои ги дадоа своите животи. Толку многу луѓе беа повредени, толку многу страдања издржавме. Затоа, никој нема да заборави. Кога велам дека никој нема да заборави, тоа се нашите основни црвени линии,“ истакна Зеленски.
Претседателот нагласи дека Украина нема да дозволи заборав на злосторствата извршени врз неа.
„Нашите војници ги извршуваат своите задачи во регионот Курск. Русите дефинитивно се обидуваат да извршат максимален притисок врз нашите сили. Воената команда прави сè што е потребно за да ги зачува животите на нашите војници,“ додаде Зеленски.
Според онлајн мапата на бојното поле во Украина од украинската организација „Дип стејт“ (Deep State), украинските сили го напуштиле градот Суџа во регионот Курск, каде што Москва започна офанзива во изминатите денови.
Зеленски истакна дека Украина покажала подготвеност за примирје и сега се очекува одговор од Русија.
„Се зависи од тоа дали Русија сака примирје и мир или сака да продолжи да убива луѓе. Украина јасно го покажа својот став. Денеска Русија мора да одговори на тоа,“ изјави Зеленски.
За време на вчерашните разговори помеѓу американската и украинската делегација во Саудиска Арабија, Украина изразила подготвеност да го прифати предлогот на САД за итно спроведување на 30-дневен прекин на огнот. Примирјето може да биде продолжено ако Русија го прифати и ги почитува условите.
Претходно, Москва соопшти дека пред да го коментира предлогот за примирје, ќе го чека извештајот од американските претставници. Вашингтон најави дека денеска ќе разговара со Москва.