Манастирот „Свети Ѓорѓи Победоносец“ во Рајчица, дебарско, од вчера е домаќин на дел од моштите на еден од најголемите христијански светители, Свети Василиј Велики. Овие мошти, кои припаѓаат на личност која важи за столб на Црквата Христова и неуморен проповедник на правата вера уште од првите векови, се подарок од јеромонахот Стефан Симион од Православната црква на Романија, игумен на манастирот на светиот пророк Илија во регионот Лацио, Италија.
Од Бигорскиот манастир соопштија дека игуменот Стефан, препознавајќи го живиот континуитет на светоотечкото предание, одлучил оваа скапоцена реликвија да ја испрати токму во Рајчица. Пренесувањето на моштите било доверено на искушеничката Луминица, член на сестринството на Обителта.
Автентичност и значење на моштите Историјата на оваа света реликвија ја потврдува нејзината важност и автентичност. Светите мошти биле подарени на отец Стефан од ризницата на реликвии на Католичката црква, кои низ вековите биле пренесувани од Истокот. За нивната автентичност сведочат оригиналните ватикански печати, втиснати на самите мошти, како и на задната страна од реликвијарот во кој тие се положени.
Со ова, дел од моштите на Свети Василиј Велики трајно ќе престојуваат во манастирот во Рајчица, каде верниците отсега ќе имаат можност да се помолат и да побараат молитвено застапништво пред моштите на великиот Христов јерарх.
Свети Василиј Велики – живот и дело Свети Василиј Велики е роден во 330 година во Неокесарија, Понт, а починал во 379 година. Тој се смета за голем поборник на православната вера, пристаниште на моралната чистота и столб на Црквата. Свети Василиј се смета за основач на монашката традиција во источното православие, а по неговата смрт е прогласен за светец.
Православните христијани го одбележуваат неговиот празник на 14 јануари, во народот познат како Василица или Стара нова година. Дел од неговите мошти се чуваат и во црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица.
Со пристигнувањето на моштите во Рајчица, верниците добиваат уникатна можност за духовно приближување и молитвено застапништво пред реликвијата на еден од најзначајните светители на христијанството.

















