Регионалниот ургентен центар во Клиничката болница во Штип треба да биде ставен во функција најдоцна до септември и ќе обезбедува итна медицинска помош за пациенти со животозагрозувачки состојби од Источниот и Југоисточниот регион.
Според информациите од заменик-директорката на болницата, Билјана Ефтимова, процедурата за формирање на центарот веќе е започната, а во следниот период ќе се изврши преадаптација на просториите каде што досега функционирала дежурната амбуланта.
Центарот ќе работи 24 часа дневно, седум дена во неделата и ќе прима итни пациенти од сите возрасни групи, како деца така и возрасни, со различни ургентни состојби.
Како што појаснува Ефтимова, ургентниот центар ќе има хируршки и интернистички дел, каде пациентите првично ќе бидат дијагностицирани и стабилизирани, по што ќе се упатуваат на понатамошен третман доколку е потребно.
Директорот на Клиничката болница Штип, Владко Захариев, истакнува дека идејата за ваков центар постои повеќе години, но досега била одложувана поради недостиг на кадар и соодветен простор.
Тој додава дека со отворањето на модуларната болница дел од амбулантите се префрлени таму, што го намалило притисокот врз приемното одделение и создало услови за реализација на проектот.
Дополнително, за надминување на недостигот од медицински персонал, минатиот месец биле распишани огласи за вработување на 25 нови лица.










