Еден од највпечатливите астрономски настани е во тек – целосното помрачување на Сонцето, кое денеска може да се набљудува од делови на Европа и други региони на северната хемисфера.
НАСА го пренесува небесниот спектакл во живо преку своите официјални канали, овозможувајќи им на љубителите на астрономијата ширум светот да го следат моментот кога Месечината целосно го покрива Сонцето.
Помрачувањето настанува кога Месечината ќе се најде директно меѓу Земјата и Сонцето, при што нејзината сенка паѓа врз Земјата. Во тесниот појас на целосното помрачување, дневната светлина накратко исчезнува и настапува темнина.
Целосната фаза денеска е видлива над делови од Гренланд, Исланд и Шпанија, додека во многу поширок регион феноменот се набљудува како делумно помрачување.
Настанот е особено значаен за Европа. Во Шпанија ова е прво целосно помрачување видливо од копното по повеќе од еден век, а воедно е и почеток на серија спектакуларни соларни помрачувања што ќе бидат видливи од земјата во периодот до 2028 година.
Во Македонија и во поголемиот дел од Балканот феноменот може да се забележи како делумно помрачување во доцните попладневни часови, непосредно пред зајдисонцето.
Последното големо целосно помрачување што привлече огромно светско внимание беше во април 2024 година, кога неговата патека помина низ Мексико, САД и Канада.
За време на делумната фаза експертите предупредуваат дека во Сонцето не треба да се гледа директно без соодветни сертифицирани заштитни очила, бидејќи силното сончево зрачење може трајно да го оштети видот.
Видео:







