Интернет гигантот Yahoo изрази интерес за купување на интернет пребарувачот Google Chrome, доколку американскиот федерален суд пресуди дека Google мора да го продаде овој дел од своето работење.
Како што пренесува „Блумберг“, директорот на Yahoo, Брајан Провост, на судско рочиште изјавил дека компанијата внимателно ја следи ситуацијата и е подготвена да учествува во купувањето, доколку дојде до продажба. Според проценките, вредноста на Chrome се движи во рамките на десетици милијарди долари.
Yahoo, кој некогаш беше водечки играч на пазарот на интернет пребарување во раните 2000-ти, ја изгуби својата доминација со подемот на Google. Денес, компанијата е во сопственост на Apollo Global Management, откако беше неколкупати препродавана.
Интерес за купување на Chrome покажала и компанијата OpenAI. Минатата недела, нејзиниот менаџер за производи, Ник Тарли, на суд изјавил дека OpenAI би сакала подлабока интеграција со Chrome, со цел создавање на посовремен и покорисен производ. Потсетуваме, ChatGPT веќе има своја екстензија за Chrome.
Американското Министерство за правда го обвинува Google дека го монополизира пазарот и бара компанијата да се раздели со одредени делови од своето работење, меѓу кои е и Chrome, со цел да се поттикне поголема конкуренција.
Google, пак, се спротивставува на оваа идеја, тврдејќи дека ваквата мерка би му наштетила на корисникот, би ја влошила функционалноста на секојдневните дигитални алатки и би го поткопала технолошкото водство на САД.
Дали конечно ќе се случи продажба на еден од најпопуларните интернет прелистувачи, останува да одлучи судот.