Љубезноста кон ChatGPT ги чини милиони – открива Сем Алтман
Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, со доза хумор откри дека љубезноста на корисниците – како што се зборовите „те молам“ и „благодарам“ – ги чини милиони долари во оперативни трошоци.
На прашање на социјалната мрежа X, каде еден корисник се пошегува прашувајќи колку струја троши компанијата поради „фини“ луѓе кои се пристојни со ChatGPT, Алтман одговори: „Десетици милиони долари добро потрошени – никогаш не знаеш“. Очигледно, некои луѓе решиле да бидат љубезни со вештачката интелигенција – за секој случај, инспирирани од сценарија како оној со HAL во „2001: Одисеја во вселената“.
Иако неговиот одговор е делумно шеговит и веројатно не е целосно точен од финансиски аспект, факт е дека секоја интеракција со ChatGPT – колку и да е едноставна – активира комплексна машинска обработка што бара значајна компјутерска моќ. А со тоа расте и потрошувачката на електрична енергија.
Вештачката интелигенција – енергетски гладна технологија
AI моделите како GPT-4 се потпираат на масивни дата-центри кои, според светски проценки, веќе користат околу 2% од глобалната електрична енергија. Според анализа на Goldman Sachs, еден GPT-4 одговор троши приближно десет пати повеќе енергија отколку обично Google-пребарување.
Но тука не застануваат трошоците. Бидејќи серверите генерираат огромна топлина, нивното ладење бара огромни количини вода. Истражување на Универзитетот во Калифорнија, Риверсајд, покажа дека создавање на само 100 зборови преку GPT-4 троши вода колку три шишиња. Дури и краток одговор како „Нема на што“ бара околу 44 милилитри – или приближно една и пол мала чаша вода.
Иако љубезноста не чини ништо – кога зборуваме за луѓе – во светот на AI, таа има своја цена. Но, како што вели и Алтман – можеби се вредни пари добро потрошени.