Instagram, една од најпопуларните социјални мрежи во светот, најави укинување на функцијата за end-to-end енкрипција на директните пораки (DM), која досега обезбедуваше највисоко ниво на приватност во комуникацијата меѓу корисниците.
Оваа промена е значајна за милиони корисници кои ја користат платформата за лична и приватна комуникација, бидејќи енкрипцијата овозможува само испраќачот и примачот да можат да ги прочитаат пораките – дури ни самата платформа или матичната компанија Meta нема пристап до содржината на разговорите кога оваа функција е активна.
Според најавите, функцијата ќе престане да важи од 8 мај 2026 година. Тоа значи дека пораките кои претходно биле заштитени со оваа енкрипција ќе го изгубат тој степен на заштита. Корисниците кои имаат активни криптирани разговори ќе добијат известување во апликацијата со инструкции како да ги преземат пораките, фотографиите и другите податоци пред укинувањето.
Инстаграм ја воведе оваа опција како дел од пошироките политики за заштита на приватноста, следејќи ги примерите на апликации како WhatsApp и Messenger. Сепак, оваа функција никогаш не беше активна по дифолт за сите корисници и требаше рачно да се вклучи.
Со нејзиното укинување, Instagram ќе користи систем за пораки кој овозможува поголема анализа и модерирање на содржината, што може да се користи за безбедносни проверки или други технички цели.
Одлуката веќе предизвика реакции кај експертите за дигитална безбедност и приватност, кои предупредуваат дека губењето на енкрипцијата може да ја намали заштитата на чувствителни разговори и да го направи дигиталното комуницирање подложно на анализа или пристап при официјални барања од институции.
За корисниците кои сакаат да ја задржат највисоката приватност на своите разговори, експертите препорачуваат користење апликации што имаат силна енкрипција вклучена по дифолт.


















