Денешното затемнување на Сонцето беше спектакуларна глетка, а многумина посегнаа по мобилните телефони за да го фотографираат или снимаат феноменот. Сепак, директното насочување на камерата кон Сонцето без соодветна заштита може да предизвика трајно оштетување на сензорот.
Проблемот не е во екранот на телефонот, туку во системот на камерата. Објективот ја собира и концентрира силната сончева светлина на мала површина од сензорот, а подолгото изложување може да ги оштети неговите пиксели.
Еден од знаците дека дошло до оштетување може да биде појавата на постојани темни или обоени точки и дамки на фотографиите и видеата.
Експертот за мобилни уреди Џез Самуел објаснува дека принципот е сличен на опасноста за човечкото око – силната сончева светлина се фокусира директно на чувствителната површина.
Дополнителен ризик постои при користење телефото камера или оптички зум, бидејќи оптиката може уште посилно да ја концентрира сончевата светлина.
На истиот ризик претходно предупреди и НАСА. Од американската вселенска агенција посочија дека сензорите на мобилните телефони, како и оние кај другите камери, можат да бидат оштетени ако директно и подолго време се насочени кон Сонцето.
За безбедно фотографирање се препорачува користење соодветен соларен филтер поставен пред објективот.
Доколку веќе дошло до сериозно оштетување, во одредени случаи може да биде неопходна замена на целиот модул на камерата. Кај поскапите смартфони ваквата поправка може да чини и неколку стотици евра.
Исклучок е само краткиот период на целосно затемнување, кога Месечината целосно ја покрива светлата површина на Сонцето. Тоа важи исклучиво за местата што се наоѓаат во зоната на целосно затемнување.







