ПРВ.мк
Наука/Технологија

Младите ќе ја користат вештачката интелигенција како изворна библиотека, вели британската експертка Кејт Марш

Младите ќе ја користат вештачката интелигенција како изворна библиотека, вели британската експертка Кејт Марш

Кејт Марш, врвен експерт во дигиталната и медиумската индустрија со над 30 години искуство во глобални компании како „Амазон“, „Би-Би-Си“ и „Скај“, говореше на Дигиталниот самит WB6 во Скопје за потенцијалот на вештачката интелигенција (AI) во креативните индустрии. Таа денес е претседателка на Одборот на „Диволвер диџитал“ и независна директорка во „Гејмс воркшоп груп“, како и гувернерка на Универзитетот за креативни уметности.

Марш нагласува дека AI не е закана за креаторите, туку алатка која може да ги поттикне нивните идеи. „Младите ќе ја користат AI речиси како библиотека – почетна точка за креативност. Можете да внесете одредени инспирации во AI и потоа сами да надоградувате на тоа“, објаснува таа.

Една од најголемите теми, според Марш, е заштитата на интелектуалната сопственост и авторските права. „Потребна е рамка која ќе обезбеди креаторите да бидат надоместени кога нивната работа се користи за тренирање на AI модели, но истовремено да се поттикне иновацијата“, вели таа.

Марш дава совети и за младите креатори од помалите пазари, како Македонија: дигиталните платформи им овозможуваат глобална видливост, а верноста кон локалната содржина може да стане нивна предност. „Дигиталното им дава на креаторите од својата соба можност да се поврзат со светската сцена“, истакнува таа, додавајќи пример од гејминг индустријата, каде мали студија од Црна Гора успешно ги објавиле своите игри на „Стим“, „Плејстејшн“ и „ЕксБокс“.

За младите кои сакаат кариера во креативните индустрии, Марш советува да развиваат широк спектар дигитални и продукциски вештини, од гејминг програмирање и виртуелна продукција до сценографија и инженерство за осветлување. „Важно е да се започне со практични вештини уште од млада возраст и да се продолжи со учење во високо образование, за да се гради успешна и одржлива кариера“, додава таа.

Искусната експертка исто така зборува за етичките предизвици, како дезинформациите и дипфејк содржините, нагласувајќи дека јасното означување и доверливите извори остануваат клуч за одржување на јавната доверба.

Од нејзината меѓународна перспектива, Марш го потенцира неискористениот потенцијал на Западен Балкан: „Постои вистинска желба за креативност. Креативците се страсни и тоа е добра почетна точка. Соработката меѓу земјите и заедничкото градење глас може да донесе поголемо влијание на глобалната сцена.“

Escape

Најнови вести

Escape
Mia Home Mavrovo
Escape