Верверичките, кои најчесто ги замислуваме како симпатични животинчиња што собираат ореви, изненадија научници со целосно неочекувано однесување – тие ловат и распарчуваат плен.
Истражување објавено во „Журнал оф етолоџи“ за првпат документирало месојадно однесување кај верверички во Калифорнија. Тимот научници предводен од професорката Џенифер Е. Смит од Универзитетот во Висконсин открил дека овие глодари не се ограничуваат само на јаткасти плодови и семиња, туку и активно напаѓаат други глодари.
Истражувањето било спроведено во Регионалниот парк Брионис, округот Контра Коста, каде што помеѓу јуни и јули биле набљудувани 74 интеракции меѓу верверички и други животни. Резултатите покажале дека во 42% од случаите верверичките биле агресивни предатори – бркале, гризеле и убивале други глодари.
Научниците опишуваат сцени каде што верверичките се приближувале ниско до земјата, па скокале врз својот плен, го гризеле за вратот и го треселе додека не го совладаат – однесување типично за месојадни животни.
Иако одамна е познато дека дел од видовите верверички јадат месо, ова е првпат да се потврди дека станува збор за активно предаторство, а не за собирање на мртви животни или случајно консумирање.
Интересно е што најголема активност на предаторско однесување е забележана во првите две недели од јули – токму во период кога популацијата на глодари во регионот е најголема.
„Ова откритие ја нагласува неверојатната способност на животните да се приспособуваат на промените во средината. Но, остануваат многу прашања – како ова влијае врз екосистемите и дали младите верверички го учат ова од своите родители“, истакна професорката Смит.
Научниците планираат понатамошни истражувања за да откријат дали месојадното однесување е изолиран феномен или почнува да станува широко распространета карактеристика кај верверичките.