Илон Маск прогнозира дека развојот на вештачката интелигенција и хуманоидните роботи целосно ќе го промени начинот на кој функционира пазарот на трудот, до точка во која човечката работа повеќе нема да биде неопходна.
Според неговите предвидувања, во иднина вештачката интелигенција и роботите би можеле да ги извршуваат речиси сите работни задачи, а луѓето ќе работат само доколку тоа го сакаат.
Маск смета дека први на удар ќе бидат дигиталните професии. Според него, системите базирани на вештачка интелигенција веќе достигнуваат или надминуваат голем дел од способностите на софтверските инженери, а нивниот напредок продолжува со огромна брзина.
Следниот голем чекор, според Маск, ќе биде масовното воведување хуманоидни роботи. Со нивниот развој, автоматизацијата повеќе нема да биде ограничена само на работата пред компјутер, туку ќе се прошири и на физичките професии.
Во такво општество, Маск смета дека класичниот концепт на плата и вработување би можел значително да се промени. Тој предвидува дека државите ќе мора да обезбедуваат еден вид универзален висок доход, со кој луѓето ќе можат да ги задоволуваат своите потреби без задолжително да имаат традиционално работно место.
Маск оди и чекор понатаму и проценува дека за околу пет години вештачката интелигенција би можела да ја надмине вкупната човечка интелигенција.
Сепак, токму тука го гледа и најголемиот ризик. Според него, клучното прашање нема да биде само колку моќна ќе стане вештачката интелигенција, туку дали човештвото ќе успее безбедно да ги контролира системите кои би можеле да станат значително поинтелигентни од луѓето.







