Редовното прескокнување на појадокот би можело да биде поврзано со поголем ризик од когнитивен пад и промени во мозокот кај постарите лица, покажува ново научно истражување.
Студијата, пренесена од магазинот EatingWell, покажува дека кај луѓето кои редовно не појадуваат биле забележани повисоки нивоа на биомаркери поврзани со невродегенерација, како и поизразено намалување на волуменот на мозокот.
Во истражувањето учествувале 973 лица постари од 60 години од кинескиот град Ченгду, а по три години следење анализата ја завршиле 859 испитаници. Од нив, 117 редовно го прескокнувале појадокот.
На почетокот и по 18 месеци не биле забележани значајни разлики во когнитивните способности. Сепак, по три години, лицата кои редовно не појадувале постигнале пониски резултати на тестовите за меморија, внимание и ментални способности.
Научниците земале предвид и други фактори што можат да влијаат врз здравјето на мозокот, како возраста, полот, образованието, телесната тежина, крвниот притисок и генетската предиспозиција. Анализата покажала дека редовното прескокнување на појадокот останува независен фактор поврзан со когнитивниот пад.
Истражувачите предупредуваат дека оваа навика може да предизвика пониско ниво на шеќер во крвта, повисок стрес и таканаречена „мозочна магла“, бидејќи гликозата е главен извор на енергија за мозокот.
Иако студијата не докажува дека прескокнувањето на појадокот директно предизвикува деменција, научниците сметаат дека редовниот и балансиран појадок може да биде важен дел од зачувувањето на здравјето на мозокот, особено кај постарите лица.









