Нов опасен тренд на TikTok: Ученици намерно ги палат своите лаптопи за „предизвик“
Некаде помеѓу хаосот и здодевноста, се појави нов загрижувачки тренд на TikTok – тинејџери кои намерно ги оштетуваат, па дури и ги палат своите „Chromebook“ лаптопи добиени од училиштата.
Трендот, наречен #ChromebookChallenge, подразбира ученици кои вметнуваат метални предмети – како што се спојки или алуминиумска фолија – во портата за полнење на лаптопот, сè додека не се појават искри, чад или – во најлош случај – оган. Целта? Активирање на противпожарниот аларм и снимање на целиот инцидент, идеално пред да пристигне противпожарната служба.
TikTok веќе реагираше со блокирање на пребарувањата поврзани со изразите како што се „Chromebook challenge“. Наместо содржина, корисниците сега добиваат предупредување и линкови до едукативни ресурси што ги повикуваат внимателно да размислат пред да се впуштат во ризични активности.
Видеата што го промовираат овој тренд често се објавуваат под имиња како #ChromebookDurabilityTest и #FStudent, при што учениците прават шеги додека „ги печат“ своите уреди.
Иако TikTok тврди дека отстранува повеќе од 99% од штетната содржина пред истата да биде пријавена, овој тренд очигледно поминал под радарот. Веќе се регистрирани реални случаи на евакуации во училишта како последица на овие „предизвици“.
Ова е уште едно предупредување за родителите, наставниците и јавноста колку брзо и опасно интернет трендовите можат да се претворат во вистински закани за безбедноста на младите – и сите околу нив.