Италијанската „Молтиплај груп“ го тужи Гугл за речиси 3 милијарди евра
Италијанската компанија Молтиплај груп соопшти дека поднела тужба против американскиот технолошки гигант Гугл, барајќи оштета од 2,97 милијарди евра. Тужбата е поднесена поради, како што тврдат, злоупотреба на доминантната позиција на пазарот и нарушување на конкуренцијата.
Компанијата управува со популарната италијанска веб-страница за споредба на цени Trovaprezzi.it преку својата подружница 7Pixel. Во тужбата се наведува дека Гугл ја маргинализирал нивната услуга во периодот од 2010 до 2017 година, со цел да го промовира сопствениот сервис Google Shopping.
Случајот е покренат пред суд во Милано, објави италијанскиот весник Кориере дела Сера, кој не откри повеќе детали. Од Гугл во Италија засега нема официјален коментар на обвинувањата.
Ова не е првпат Гугл да се соочи со слични тужби во Европа. Во 2017 година, Европската комисија го казни со 2,4 милијарди евра поради истата пракса – фаворизирање на сопствениот сервис за онлајн-споредба на цени на сметка на конкуренцијата. Минатата година, Судот на Европската унија ја отфрли жалбата на Гугл и ја потврди казната.