Една ера официјално завршува – популарната платформа за интернет-разговори „Скајп“ заминува во историјата. „Мајкрософт“ ја укинува услугата и ги префрла корисниците на својата понова платформа „Мајкрософт тимс“. Добрата вест е дека префрлањето е бесплатно, а сè – од контактите до историјата на разговори – ќе може автоматски да се префрли, користејќи го истото корисничко име и лозинка.
Корисниците имаат време до јануари 2026 година да ги префрлат своите податоци, по што тие ќе бидат избришани.
„Ја поедноставуваме нашата понуда за бесплатна комуникација за подобро да се прилагодиме на потребите на нашите корисници“, велат од „Мајкрософт“.
Иако „Тимс“ нуди модерна платформа и е бесплатен, сепак недостигаат некои функционалности кои „Скајп“ ги нудеше со години – како СМС-пораки и повици со „Скајп кредит“, како и подолги групни видеоповици (сега ограничени на 60 минути).
Од 2003 година па наваму, „Скајп“ остави голема трага во онлајн-комуникацијата. По аквизицијата од „Мајкрософт“ во 2011 година, стана алатка што ја користевме и за работа и за лични разговори. Иако го заменува нова платформа, останува да се памети како пионер на видеоразговорите.