Проблемот со здравственото осигурување на вработените во Министерството за внатрешни работи е надминат и тие повторно можат непречено да ги користат здравствените услуги, информираат од МВР и Фондот за здравствено осигурување.
Во текот на денот двете институции биле во постојана координација, а во решавањето на проблемот била вклучена и Управата за јавни приходи.
Биле преземени потребните активности за утврдување и отстранување на причините што довеле до привремен прекин во остварувањето на правата од здравственото осигурување.
По преземените мерки, состојбата е нормализирана и на вработените во МВР повторно им е овозможено непречено користење на правата од здравственото осигурување.
Од МВР и ФЗО најавуваат дека координацијата меѓу институциите ќе продолжи и во следниот период.
Целта е да се најде системско решение со кое ќе се спречи повторување на ваков проблем и ќе се обезбеди навремено и непречено остварување на правата од здравственото осигурување за сите вработени во Министерството.







