Во текот на 43. недела од 2025 година (20–26 октомври), во Македонија биле евидентирани 56 групни случаи на заболувања слични на грип, што претставува намалување од 32,5% во споредба со претходната недела, информираа од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Иако бројот на заболени се намалил во однос на изминатата недела, податоците покажуваат дека во споредба со истиот период лани, бројките се повисоки. Во 43. недела од 2024 година биле регистрирани 42 случаи, што значи дека годинава има зголемување од 33,3%. Во однос на просекот за последните 15 сезони, пак, е забележано намалување од 10,5%, појаснуваат од ИЈЗ.
Најмногу заболени се пријавени во Гостивар (20 случаи), потоа Куманово (15), Прилеп (7), Тетово и Радовиш (по 5), како и Струмица и Македонски Брод (по 2 случаи).
Анализата според возрасни групи покажува дека најпогодени се лицата на возраст од 15 до 64 години – 48 случаи, додека 5 случаи се кај лица над 65 години, 2 кај деца од 5 до 14 години, и 1 случај кај дете до 4 години.
Според ИЈЗ, моменталната инциденца е под прагот на сезонската активност на вирусот на грип (I = 22,03/100.000 жители), што значи дека земјата сè уште не влегла во активната сезона на грип.
Во сезоната 2025/2026, досега се регистрирани вкупно 244 случаи на грип и заболувања слични на грипот. Тоа претставува зголемување од 64,9% во однос на истиот период минатата сезона, и раст од 21,9% во споредба со моделот на последните 15 сезони.
Од Институтот потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип останува најдобрата заштита. Вакцината е особено препорачлива за ризичните групи, меѓу кои се:
- лица над 65 години,
- деца на возраст од 6 до 59 месеци,
- лица со хронични заболувања,
- бремени жени,
- здравствени работници.
Според податоците од Управата за електронско здравство, до моментот на изготвување на извештајот вакцинирани се 31.289 лица од ризичните категории, кои ја примиле бесплатната вакцина против сезонски грип.
ИЈЗ апелира до граѓаните да не ја одложуваат вакцинацијата, бидејќи навремената заштита може да спречи сериозни компликации, особено кај постарите и хронично болните лица.















