Министерот за здравство Сашо Клековски упати апел до граѓаните да го проверат вакциналниот статус и навремено да ги надоместат пропуштените дози од МРП вакцината, по регистрираните случаи на мали сипаници во земјава.
Според информациите што ги соопшти Клековски, во државата се потврдени четири случаи на сипаници, од кои еден кај странски државјанин. Сите заболени се невакцинирани, а две од заболените лица се бебиња кои се премали за вакцинација.
Министерот посочи дека ризикот од појава на нови случаи е зголемен поради епидемиите во Косово и Бугарија, но дека во моментов нема пошироко ширење на болеста во земјава.
Граѓаните се повикуваат да проверат дали тие и нивните деца имаат примено две дози МРП вакцина или претходно прележале сипаници. При појава на температура, кашлица, црвени очи и осип, препораката е пациентот да остане дома и прво телефонски да го контактира матичниот лекар.
Клековски информираше дека сите јавни и приватни болници добиле протокол за рано препознавање и изолација, додека градинките и училиштата добиле упатства за превентивно постапување. Епидемиолошките служби ги следат контактите, а се проверува и имунизацијата на здравствените работници.
„Бебињата не можат да се вакцинираат, ние можеме. Од нас зависи болеста да не се шири“, порача Клековски.











