Пензионерите кои своите примања ги добиваат преку Алта банка, а немаат платежни картички, не смеат да останат без пристап до своите пари поради ограничувањата во работењето на банката. Надлежните институции и привремените администратори мора итно да обезбедат практично решение, порача Кирил Миноски.
Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, Миноски предупреди дека затворените експозитури претставуваат сериозен проблем за пензионерите кои досега ги подигнувале своите пензии на шалтер.
Предлог за посебни пунктови и издавање картички
Според него, неопходно е да се организираат тимови од вработените во банката кои ќе овозможат издавање платежни картички преку посебни пунктови или филијали.
„Овие администратори треба да пронајдат брзо решение, да се организираат тимови од вработените во Алта банка и да се отворат посебни пунктови или филијали на кои ќе им се издаваат платежни картички на пензионерите“, изјави Миноски.
Предлага и директна исплата до 10.000 денари
Како алтернативно решение, Миноски предложи организирање директна исплата на ограничени износи во одредени филијали.
„Мора да се реагира брзо или да се организира исплата на лице место, на одредени пунктови во филијалите, каде што на пензионерите кои ја земаат пензијата преку Алта банка ќе им бидат исплатени по 10.000 денари“, посочи тој.
Миноски нагласи дека предложените мерки треба да бидат усогласени со постојните банкарски ограничувања, но истовремено да обезбедат пристап до средства за основните животни потреби.
Тој предупреди дека секое дополнително одложување може да ја зголеми неизвесноста кај клиентите, особено кај пензионерите за кои пензијата е единствен извор на приходи.
Според Миноски, мерките за стабилизација на банкарскиот сектор мора да бидат придружени со конкретни механизми за заштита на најранливите граѓани.








