ПРВ.мк
Магазин

Кралица на празничната трпеза: Рецепт за сочна домашна сарма што гостите долго ќе ја паметат

Кралица на празничната трпеза: Рецепт за сочна домашна сарма што гостите долго ќе ја паметат

Сармата е едно од најомилените традиционални јадења, без кое тешко може да се замисли богата празнична или семејна трпеза.

Ако сакате да подготвите сочна сарма со богат вкус и неодолива арома, овој рецепт со мелено месо, ориз и димена сланина е одличен избор.

Потребни состојки

  • 3 големи главици кромид
  • 1 страк праз
  • 1 морков
  • 700 г мелено месо
  • 200 г димена сланина за филот
  • 300 г димена сланина за редење
  • 150 г ориз
  • 1 јајце
  • 2 кг кисела зелка
  • Лук по вкус
  • Сол, бибер, сув зачин и црвен пипер
  • Масло за подготовка и 150 мл за преливот

Начин на подготовка

Најпрво ситно исечкајте ги кромидот и празот, па пропржете ги на малку масло. Додајте го изренданиот морков и продолжете со динстање.

Потоа додајте ги меленото месо, ситно исечканата сланина и зачините. Динстајте додека состојките убаво не се соединат.

Додајте го претходно измиениот ориз, промешајте и оставете ја смесата малку да се излади.

Кога филот ќе биде млак, додајте едно јајце и добро измешајте.

Со подготвената смеса виткајте сарми во листови од кисела зелка.

Наредете ги во длабок сад за печење, а меѓу нив распоредете ги дополнителните 300 грама димена сланина. Додајте доволно вода за да можат сармите да се готват и покријте го садот.

Печете во загреана рерна на 200 степени околу 90 минути, проверувајќи ја течноста по потреба.

По првите 60 минути додајте ситно исечкан лук и црвен пипер. Прелијте со загреано масло, внимателно за да не прска, и вратете го садот во рерната уште 30 минути.

Пред послужување проверете дали оризот и месото се целосно зготвени. По потреба продолжете со печење.

Совет: За уште подобар вкус, оставете ја сармата кратко да отстои по печењето. Послужете ја топла, со домашен леб или павлака.