Министерот за здравство Сашо Клековски го отвори панелот посветен на Паркинсоновата и Алцхајмеровата болест, на кој во фокусот беа можностите за воведување современи терапии што веќе се применуваат во европската медицинска практика.
Клековски посочи дека во земјава има околу 24.000 регистрирани лица со деменција и околу 8.000 лица со Паркинсонова болест, при што најголемиот дел од нив се згрижуваат во домашни услови од своите семејства.
Посебно внимание беше посветено на длабоката мозочна стимулација – DBS, како современа терапевтска опција за одредени пациенти со Паркинсонова болест.
Досега пациентите за ваков третман биле упатувани во странство, а според Клековски, на клиниките за неврологија и неврохирургија веќе постојат технички предуслови за понатамошен развој на оваа терапија и во земјава.
Втората значајна тема беа антиамилоидните терапии за пациенти во рана фаза на Алцхајмерова болест.
Министерот нагласи дека воведувањето нови терапии мора да биде безбедно, стручно и одржливо, со соодветно обучени медицински тимови, прецизна дијагностика и континуирано следење на пациентите.
„Прашањето не е само дали, туку како безбедно, стручно и одржливо“, порача Клековски, додавајќи дека од стручната јавност очекува конкретни препораки за следните чекори.
На панелот учествуваа и проф. д-р Звездан Пиртошек и проф. д-р Дејан Георгиев од УКЦ Љубљана, претставници на Меѓународното здружение за Паркинсонова болест, како и стручњаци од македонските клиники за неврологија и неврохирургија.











