ПРВ.мк
Македонија

Законот против пушење се одложува?

Законот против пушење се одложува?
Kristal

Законот за заштита од пушење во Северна Македонија најверојатно нема да се применува од 1 март, како што беше првично најавено. Според државниот советник во Министерството за здравство, Никола Грбчевски, законското решение ќе се доработи, а имплементацијата ќе се спроведува во фази – прво преку едукација и опомени, а дури потоа ќе следат казни. Временската рамка за фазите сè уште се утврдува.

„Не би го нарекол ретерирање, туку фазна имплементација. Во дијалог со јавноста и бизнис-заедницата одлучивме да се оди со мека имплементација, која ќе вклучува опомени и едукација“, изјави Грбчевски во емисијата Бизнис 21.

Угостителите го поддржуваат законот, но предложија фазна примена од три години за да се избегне негативно влијание врз бизнисот. Првата година би се спроведувала информативна кампања, втората – строга забрана за пушење во затворени простории со јасно дефинирани надворешни зони, а третата фаза ќе вклучува целосна примена и санкции за објекти и физички лица, објасни Перица Голомеиќ.

Експертите укажуваат дека законот бара дополнителна доработка, особено поради влијанието врз компаниите кои произведуваат и продаваат тутунски производи, како и врз државниот буџет. „Не смееме да применуваме закон „ан блок“ од Словенија, земја која не произведува тутун. Потребни се преодни и завршни одредби за производите кои се на залиха“, предупреди Златко Арсов.

Со новиот предлог-закон, пушењето ќе биде забрането за сите видови тутунски производи – класични цигари, електронски цигари и „вејп“ апарати – во сите затворени угостителски објекти, фирми, институции, училишта, градинки, јавен превоз, пазари и спортски објекти. Забрането е и во автомобили ако има дете. Казните ќе се движат од 150 до 300 евра за граѓаните и до 5.000 евра за фирмите.

Pharmanova
FixCredit
Escape
Mia Home Mavrovo