Иницијативата „Збогум, Буково“ алармира дека проблемот со дивите депонии во Охрид станува сè посериозен, додека сторителите речиси воопшто не се санкционираат. На работниот состанок одржан минатата недела со претставници на Општина Охрид, инспекциските служби, Одделението за животна средина и комуналното претпријатие, биле констатирани бројни слабости во справувањето со нелегалното фрлање отпад, но и договорени конкретни мерки за подобрување на состојбата.
Како дел од мерките, предвидено е спроведување едукативна кампања во соработка со граѓански организации, со цел подигнување на јавната свест за штетите од незаконското депонирање отпад – како врз животната средина, така и врз општинскиот буџет и квалитетот на комуналните услуги. Дополнително, планирано е поставување камери на критичните локации за подобар надзор, при што снимките ќе се користат како доказен материјал за понатамошно постапување од страна на инспекциските служби.
Од иницијативата посочуваат дека е неопходно и директно вклучување на полициските структури. Според достапните информации, во текот на 2025 година полицијата не поднела ниту една пријава ниту изрекла казна поврзана со нелегално фрлање отпад, што дополнително го охрабрува ваквото однесување.
Како еден од клучните проблеми се наведува и недостигот од соодветна инфраструктура за одлагање отпад, особено кабаст, зелен и опасен отпад, кој често завршува на дивите депонии. Поради тоа, се потенцира потребата од итно формирање собирен центар каде граѓаните би можеле легално да го одлагаат ваквиот отпад.
Иако инспекциските служби работат континуирано на терен, тие се соочуваат со сериозни пречки, вклучително и институционални опструкции при спроведувањето на казнените мерки. Дополнителен проблем претставува постапувањето на приватни имоти, каде што е потребен судски налог кој не секогаш се добива навремено. Оттука, се наметнува потребата од измени во законската регулатива или донесување локални одлуки што ќе овозможат побрзо и поефикасно санкционирање.
Според проценките, на територијата на Општина Охрид постојат околу 60 диви депонии, кои треба системски да се мапираат и да се управуваат со користење на современи дигитални алатки.
Посебен проблем останува депонијата Буково, која функционира повеќе од 55 години и содржи огромни количини отпад. Таа често се пали, по што се гаси со вода и се затрупува со земја од страна на јавното претпријатие. Надлежните сметаат дека најсоодветно решение е нејзино затворање и отворање нова регионална депонија во Новаци, која ќе ги исполнува современите еколошки стандарди.
Министерот за животна средина Муамед Хоџа најави дека во Новаци ќе се одлага отпадот од Југозападниот и Пелагонискиот регион, како и дека регионалната депонија во Русино ќе биде меѓу првите што ќе започнат со работа. Дополнително, во тек е постапка за отворање регионална депонија во Свети Николе, проект што ќе се реализира со средства од ИПА-фондовите.
Од „Збогум, Буково“ порачуваат дека ќе останат активно вклучени во решавањето на овој долгогодишен проблем, со цел да се стави крај на дивите депонии и да се воспостави одржлив систем за управување со отпадот.









