Тепачка меѓу затвореници избувнала во Казнено-поправната установа Затвор Идризово, при што едно лице завршило со повреди и било пренесено на лекување.
Според информациите од МВР, настанот бил пријавен на 1 април околу 13:00 часот во СВР Скопје, додека инцидентот се случил нешто порано, околу 12:40 часот, за време на редовната прошетка на затворениците.
Во пресметката учествувале осудениците Е.А. (32) и Ш.И. (35) од една страна, и С.М. (26) од друга страна. Тие најпрво размениле удари со тврди предмети, по што ситуацијата дополнително ескалирала.
Во текот на тепачката, Е.А. употребил остар предмет и му нанел повреда на С.М. Повредениот најпрво бил згрижен во амбулантата во затворот, а потоа бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.










