ПРВ.мк
Свет

ИМАТЕ 250 ГОДИНИ ИСТОРИЈА, А СЕ ЗАКАНУВАТЕ: „Џабе гаѓате, не знаете каде е оружјето“, му порача Иран на Трамп!

ИМАТЕ 250 ГОДИНИ ИСТОРИЈА, А СЕ ЗАКАНУВАТЕ: „Џабе гаѓате, не знаете каде е оружјето“, му порача Иран на Трамп!

Иран остро возврати на заканите од американскиот претседател Доналд Трамп дека земјата може да биде „вратена во камено доба“, порачувајќи дека нивната држава и цивилизација не може да се скрши со воена реторика. Од Техеран нагласуваат дека станува збор за народ со илјадници години историја и дека ваквите закани само ја зацврстуваат нивната решителност.

Командантот Маџид Мусави директно ја критикуваше американската реторика, оценувајќи ја како „холивудска илузија“. Според него, САД не ја загрозуваат иранската држава, туку ги изложуваат сопствените војници на опасност.

– Со само 250 години историја, вие се заканувате на цивилизација што постои повеќе од шест милениуми – порача Мусави, додавајќи дека Иран е подготвен да ја брани својата територија и дека ваквите изјави нема да останат без одговор.

Остри реакции стигнаа и од кабинетот на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Неговиот портпарол Елијас Хазрати ги оцени изјавите на Трамп како „луди“ и несоодветни за сериозноста на ситуацијата.

– Трамп се впушти во луди изјави – кратко изјави Хазрати, додавајќи дека ваквиот пристап само го зголемува единството во Иран.

Дополнителна порака испрати и портпаролот на иранската Револуционерна гарда Ебрахим Золфагари, кој истакна дека американските проценки за иранските воени капацитети се погрешни.

– Центрите за кои мислите дека сте ги таргетирале се незначителни, а нашето стратешко воено производство се одвива на локации за кои немате знаење и никогаш нема да стигнете – рече Золфагари.

Иранските власти воедно тврдат дека имаат целосна контрола врз Ормускиот Теснец, еден од најважните светски енергетски коридори, и дека се подготвени за секое можно сценарио.

Од друга страна, Трамп во своето последно обраќање порача дека воените операции ќе продолжат сè додека не се обезбеди слободна пловидба низ Ормускиот теснец. Тој најави дека во наредните две до три недели САД ќе извршат „исклучително силни удари“ врз Иран, со цел брзо завршување на конфликтот.

– Ќе го вратиме во камено доба, таму каде што му е местото – изјави Трамп, дополнително заострувајќи ја реториката меѓу двете земји.