Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје презема сите неопходни мерки за расчистување на вчерашниот трагичен случај во населбата Карпош, кога од висококатница починаа мајка и малолетно девојче.
Сопругот на починатата и татко на детето е задржан во полициска станица, а јавниот обвинител нареди преземање на дејствија за испитување на евентуална кривична одговорност.
- „Обезбедена е наредба од судија на претходна постапка и во текот на денот ќе се врши детален претрес на станот, кој веднаш по увидот е запечатен и обезбеден. Според првичните сознанија, во моментот на настанот, мајката и малолетното девојче биле сами во станот, заклучени од внатрешната страна“, соопшти Обвинителството.
Денеска се вршат распити на повеќе лица, се собираат податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видеонадзор и други локации. Двете тела се на обдукција.
Јавниот обвинител побарал детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи, како и проверка на евентуални претходни пријави и поплаки од починатата, а ќе нареди и внатрешна контрола на МВР за постапувањето по тие пријави.
Според МВР, вчера околу 14:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Карпош од балкон на зграда се фрлиле женско лице и малолетно дете, кои починале.


















