Вториот пензиски столб е сигурен механизам за заштита на идните пензии, со над 620.000 членови и акумулирани средства од над 178 милијарди денари, велат од МАПАС и трите пензиски друштва „КБ Прво пензиско друштво“, „Сава пензиско друштво“ и „Триглав пензиско друштво“.
Интересот за доброволното штедење во третиот пензиски столб останува мал – само 35.000 граѓани, односно 2,9% од граѓаните, имаат средства во овие фондови, кои достигнуваат околу 4,7 милијарди денари.
Претседателот на Советот на експерти во МАПАС, Ремзи Бајрами, истакна дека вториот столб е проверен и сигурен систем кој овозможува индивидуална заштеда и раст на капиталот со текот на времето, додека третиот столб нуди дополнителна сигурност преку доброволни и работодавачки уплати.
По повод 20-годишнината од реформата на пензискиот систем, трите пензиски друштва ќе започнат едукативна кампања „Засади желба за стабилна иднина“, со цел да ја зголемат свеста кај граѓаните за значењето на членството во задолжителните и доброволните пензиски фондови и културата на навремено штедење.
Весна Стојановска од „КБ Прво пензиско друштво“ нагласи дека нивната улога е да обезбедат стабилност и доверба, со прудентно управување на индивидуалните сметки на осигурениците. Снежана Станковиќ од „Сава пензиско друштво“ најави формирање на Асоцијација на пензиски друштва за професионален дијалог и заштита на интересите на сегашните и идните пензионери.
Мариан Николовски од „Триглав пензиско друштво“ додаде дека кампањата ќе ја подигне свеста за финансиската стабилност, значењето на пензиското планирање и важноста од финансиска писменост, охрабрувајќи ги граѓаните активно да учествуваат во сопствената финансиска иднина.
Од почетокот на реформата до денес се забележува континуиран раст на членството во вториот и третиот пензиски столб, што укажува на зголемена доверба и интерес кај граѓаните за пензискиот систем.