Општина Штип урна дел од ѕидот на градскиот стадион за да обезбеди непречен и безбеден влез на публиката за бесплатниот концерт на Дино Мерлин, Елена Ристеска и Владо Јаневски, кој ќе се одржи во сабота вечер. Се очекува настанот да го посетат меѓу 50.000 и 100.000 луѓе, јавува „СДК.мк“.
Бината е поставена на помошното игралиште покрај автобуската станица, каде ќе има два главни влеза за веќе резервираните штандови. Од страната на новата пошта е срушен ѕид за да се обезбедат посебни влезови за сместување на публиката во партерот и на новата трибина на стадионот. Исто така, еден влез со инсталации ќе биде и од страната на студентскиот дом, наменет за посетителите на старата трибина. Влезот за сите ќе биде бесплатен.
Градоначалникот Иван Јорданов истакна дека општината нема директни трошоци за музичката програма, бидејќи таа се реализира со помош на спонзори. Буџетот на општината предвидел техничка поддршка во износ од 4,5 милиони денари.
Покрај концертот, се очекува голем број посетители и за првиот ден од манифестацијата „Штипска пастрмалијада“ на 19 септември на локацијата „Едносмерна“, каде ќе има дневна и ноќна музичка програма и штандови кои ќе го нудат штипскиот специјалитет по цена од 220 денари.