ПРВ.мк
Македонија

ВОЗЕЛ КАКО НА ТРКА: Уапсен 29-годишник, летал со 204 километри на час по автопат!

ВОЗЕЛ КАКО НА ТРКА: Уапсен 29-годишник, летал со 204 километри на час по автопат!

Неверојатна брзина измерила полициската контрола на автопатот А1 кај клучката Смоквица, каде што 29-годишен возач од Гевгелија бил запрен откако со својот автомобил се движел со дури 204 километри на час.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил регистриран на 29 јули во 21:26 часот, кога полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Гевгелија при СВР Струмица вршеле сообраќајна контрола со радар.

При проверката било утврдено дека возачот Ж.Д. (29) од Гевгелија управувал автомобил „БМВ“ со гевгелиски регистарски ознаки, со брзина значително над дозволената. На делницата каде што бил запрен, максимално дозволената брзина изнесува 120 километри на час, што значи дека возел со повеќе од 80 километри на час над дозволената граница.

По утврдениот прекршок, возачот веднаш бил исклучен од сообраќај и лишен од слобода. За случајот бил известен и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Гевгелија.

Од МВР информираат дека по целосното документирање на настанот, против возачот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“, дело предвидено во член 297-а од Кривичниот законик.

Надлежните повторно апелираат до возачите да ја почитуваат брзината и сообраќајните правила, бидејќи неприлагодената брзина останува една од најчестите причини за тешки сообраќајни несреќи.