ПРВ.мк
Македонија

Возачите побрзаа на бензинските: Од полноќ следува значително поскапување на горивата

Возачите побрзаа на бензинските: Од полноќ следува значително поскапување на горивата

По објавувањето на новите цени на горивата, вечерва на повеќе бензински станици е забележана зголемена фреквенција на возила. Дел од граѓаните решија да ги наполнат резервоарите пред да започне примената на повисоките цени, поради што на одредени локации се формираа редици.

Според новата одлука на Регулаторната комисија за енергетика, бензините поскапуваат за 4,50 денари за литар, додека дизелот ќе биде поскап за 6,50 денари.

Со новиот ценовник, Еуросупер БС-95 ќе чини 91,50 денари за литар, а Еуросупер БС-98 ќе се продава по 93,50 денари. Цената на Еуродизел Д-Е V се зголемува на 98 денари за литар.

Во просек, малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат за 4,85 проценти.

Од РКЕ посочуваат дека промената е резултат на движењата на светските берзи. Во периодот опфатен со пресметката, референтните цени на бензините пораснале за 8,983 проценти, а на дизелот за 10,979 проценти.

И покрај намалените акцизи – за два денари кај бензините и четири денари кај дизелот – растот на берзанските цени донесе значително поскапување.

Токму разликата меѓу старите и новите цени натера голем број возачи уште вечерва да се упатат кон бензинските станици и да наполнат гориво по досегашната цена.