Кавадарци од новата учебна година започнува со постепено воведување на едносменска настава во основните училишта, со идеја училишните објекти да добијат поширока функција и по завршувањето на редовните часови.
Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, најави дека од септември во една смена треба да работат ООУ „Тошо Велков – Пепето“ и ООУ „Димка Ангелов – Габерот“.
Една од клучните точки во новиот модел е дека преминувањето на едносменска настава нема да значи губење работни места. Според Јанчев, наставниците и останатиот ангажиран кадар ќе го задржат својот работен ангажман.
Промената доаѓа по повеќегодишни инвестиции на Општина Кавадарци во образовната инфраструктура, кои опфаќаа реновирање на училиштата, нови покриви и изолација, како и изградба и подобрување на спортските капацитети.
Планот е процесот да продолжи и во останатите основни училишта. ООУ „Гоце Делчев“ и ООУ „Тодор Мицов“ се предвидени за преминување на едносменска настава во учебната 2027/2028 година. За создавање на потребните услови се планирани доградби и изградба на дополнителни 14 училници.
Концептот предвидува училиштата да не останат празни по завршувањето на часовите. Учениците ќе можат да го продолжат денот со организирани спортски, креативни, едукативни и забавни активности, користејќи ги капацитетите што им стојат на располагање.
Според најавите, промените ќе го опфатат и ученичкиот превоз, при што ангажираните возачи треба да преминат на целосно работно време.
Со новиот модел, целта на Општина Кавадарци е училиштата постепено да прераснат од места во кои се одржува само редовна настава во современи центри во кои децата и младите ќе можат квалитетно да го поминуваат времето и по завршувањето на часовите.






