Храброста на младиот Јован Костадинов од Виница добива меѓународно признание. Момчето кое за време на трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани помогна да бидат спасени 21 лице е избрано меѓу 16 млади луѓе од светот кои ќе ја добијат наградата „Младинска храброст 2026“.
Признанието ќе му биде врачено на 27 август во Стокхолм, Шведска.
Приказната на Јован започна во трагичната ноќ на 16 март 2025 година. Додека огнот и густиот чад го зафаќале објектот, а присутните се обидувале да се спасат, тој не се оддалечил од опасноста.
Со мокра маица преку устата и носот, Јован повеќепати се враќал во дискотеката за да им помогне на оние кои останале внатре. Со неговата реакција помогнал да бидат спасени 21 живот, а по пожарот и самиот завршил во болница поради последиците од изложеноста на чадот и огнот.
Неговата храброст прво ја препознаа соучениците и професорите, кои по враќањето во училиштето го пречекаа со аплауз и овации, а сега неговата постапка добива признание и на светско ниво.
Наградата „Младинска храброст“ ја доделува Академијата „Раул Валенберг“ во соработка со Шведскиот институт и шведските дипломатски претставништва. Таа е наменета за млади на возраст од 13 до 20 години кои покажале исклучителна граѓанска и морална храброст и им помогнале на други луѓе во тешки околности.
Годинава се избрани 16 млади луѓе од 15 земји, а меѓу нив е и Јован од Македонија.
Добитниците ќе престојуваат во Шведска од 25 до 28 август, додека свеченото доделување на признанијата е закажано за 27 август, на Денот на Раул Валенберг.
Повеќе од една година по трагедијата во Кочани, постапката на Јован останува симбол на исклучителна храброст – во момент кога многумина се обидувале да излезат од огнот, тој повеќепати се враќал назад за да спасува други.






