Една хумана одлука донесена во исклучително тежок момент овозможила да бидат спасени два човечки животи, соопшти Министерството за здравство во пресрет на Светскиот ден на органодарителството.
Станува збор за органи од починат донор, чие семејство минатиот месец дало согласност за органодарителство. Благодарение на нивната одлука биле извршени трансплантации, а двајца пациенти добиле нова шанса и поквалитетен продолжеток на животот.
„Постојат одлуки што ја менуваат смислата на зборот ‘живот’. Одлуки донесени во најтешките мигови, кога болката е најголема, а срцето сепак избира да даде согласност“, порачаа од Министерството.
Една одлука што значи живот
Од здравствените власти нагласуваат дека органодарителството не претставува само медицинска процедура, туку и исклучително голем чин на човечност и солидарност.
Националниот координатор за трансплантација, д-р Билјана Кузмановска, посочува дека зад секоја успешно изведена трансплантација стои медицински тим, но дека целиот процес започнува со една хумана одлука.
„Зад секоја трансплантација стои тим, но пред сè стои една хумана одлука. Таа одлука е она што го прави можно чудото на новиот живот“, порача Кузмановска.
Објавата доаѓа во пресрет на 13 август – Светскиот ден на органодарителството, кога ширум светот се испраќаат пораки за значењето на дарувањето органи и можноста со една одлука да се спасат човечки животи.
Министерството за здравство се приклучува кон иницијативата со цел да ја зголеми свеста за органодарителството и неговото значење за пациентите на кои трансплантацијата може да им биде единствена шанса за нов живот.







