ПРВ.мк
Македонија

Во Кочани отворија регионален центар за ментално здравје – професионална поддршка за жртвите од пожарот

Во Кочани отворија регионален центар за ментално здравје – професионална поддршка за жртвите од пожарот
Kristal

Во Кочани започна со работа Регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка, иницијатива на Црвениот крст, кој ќе им помогне на жртвите од пожарот, нивните семејства и пошироката заедница. Центарот денеска го посети министерот за здравство, Азир Алиу, кој истакна дека целта е да се обезбеди континуирана и професионална грижа за сите погодени.

„Центарот ќе биде место за доверлива и безбедна поддршка, со акцент на справување со траумата, загубата и емоционалните последици. Во првата фаза ќе работат девет психолози кои ќе нудат индивидуални и групни сесии, психоедукација, како и поддршка за волонтерите и вработените“, изјави министерот Алиу.

Тој посочи дека Министерството за здравство целосно го поддржува проектот и дека ќе продолжи со поддршка за развој на систем на грижа и солидарност, истакнувајќи дека менталното здравје е подеднакво важно како и физичкото.

Центарот за ментално здравје во Кочани располага со буџет од 150 илјади евра за наредните три години, обезбедени од Црвениот крст на Австрија и Србија, како и други партнери и донатори. Средствата ќе бидат искористени за современа опрема, едукативни програми и континуирана поддршка за стручниот кадар.

Министерот Алиу додаде дека оваа иницијатива е дел од континуитетот во грижата за повредените лица од трагедијата во Кочани. „Од самиот почеток државата ги покриваше трошоците за лекување и рехабилитација, а по завршување на болничкото лекување, обезбедивме рехабилитација и континуирана психолошка поддршка во објектот на Пониква. Сега таа поддршка продолжува во овој центар, со цел сите пациенти да добијат најквалитетна грижа“, заклучи министерот.

Escape