ПРВ.мк
Македонија

Владата усвои листа со 41 проект за јавни инвестиции – сите вредни над 5 милиони евра

Владата усвои листа со 41 проект за јавни инвестиции – сите вредни над 5 милиони евра

Владата ја усвои првата конечна приоритетна листа на предлог-проекти за јавни инвестиции, на која се најдоа вкупно 41 проект со поединечна вредност поголема од пет милиони евра.

Листата е подготвена на предлог на Министерството за финансии и Комитетот за јавни инвестиции, а треба да претставува една од главните основи при планирањето на капиталните инвестиции во државата во следниот период.

Станува збор за проекти од повеќе клучни области – инфраструктура, образование, здравство, енергетика, дигитализација, земјоделство и водостопанство.

Проектите поминале низ процес на проверка

Предлог-проектите најпрво биле подготвени од институциите што ги иницирале, по што Министерството за финансии извршило проверка на документацијата и доставените податоци.

При оценувањето биле земени предвид стратешката релевантност на проектите, нивната подготвеност за понатамошна разработка, финансиските аспекти, одржливоста и изводливоста.

По анализата, проектните идеи биле разгледани и одобрени од Комитетот за јавни инвестиции, а конечната листа потоа била доставена до Владата.

Листата ќе биде важна за Буџетот за 2027 година

Усвоената листа треба да биде клучна основа при дефинирањето на новите капитални инвестиции во буџетскиот процес за 2027 година.

Со неа треба да се усогласуваат и инвестициските програми на јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост.

Сепак, влегувањето на одреден проект на листата не значи дека автоматски се обезбедени пари за негова реализација.

Одлуките за финансирање ќе се носат дополнително, во зависност од расположливите буџетски средства, степенот на подготвеност на проектите и приоритетите на Владата за конкретната фискална година.

Нов систем за големите државни инвестиции

Новата постапка произлегува од Уредбата за управување со јавни инвестиции и Законот за буџети, а е дел и од Реформската агенда 2024–2027.

Целта е капиталните проекти вредни над пет милиони евра да поминуваат низ посистематски процес на проценка и приоритизација пред државата да донесе одлука за нивно финансирање.

Со ваквиот пристап, надлежните очекуваат потранспарентно носење одлуки за големите капитални инвестиции и полесно планирање на државните буџети за следните години.