За првпат во Македонија е изречена парична казна за напуштање, односно фрлање легло со мали мачиња. Агенцијата за храна и ветеринарство го казнила сторителот со 550 евра во денарска противвредност.
Случајот бил откриен благодарение на граѓанин кој го документирал напуштањето на мачињата со видеоснимки и фотографии и го пријавил на надлежните.
Според АХВ, ЈП „Лајка“ добило известување дека физичко лице оставило легло со мали мачиња во парк во близина на трговски центар во Скопје.
По пријавата бил вклучен и МВР, кој го потврдил идентитетот на лицето и регистарските таблички на возилото со кое биле превезени мачињата.
АХВ извршила вонредна контрола
Официјален ветеринар на АХВ потоа спровел вонредна инспекциска контрола.
За прекршување на Законот за заштита и благосостојба на животните и Законот за ветеринарно здравство, на сторителот му била изречена глоба од 550 евра.
Случајот предизвика голем број реакции на социјалните мрежи, особено меѓу граѓаните и здруженијата кои се занимаваат со заштита на животните. Многумина ја поздравија казната и порачаа дека таа треба да биде предупредување дека напуштањето животни не смее да останува без последици.
Од граѓаните се бара ваквите случаи да ги пријавуваат, особено доколку располагаат со видеоснимки, фотографии или други докази што можат да помогнат во идентификацијата на сторителите.
Напуштање животни може да се пријави во АХВ на бесплатната телефонска линија 0800 3 2222, која е достапна 24 часа дневно, како и на службената електронска адреса на Агенцијата.






