Во Идризово денеска продолжува едно од најследените судски рочишта во земјата, поврзано со трагедијата во Кочани во која животите ги загубија 63 млади луѓе. Настанот пред судот се одвива под засилено полициско обезбедување, а безбедносните мерки се значително построги од вообичаеното.
Блиските на трагично загинатите и денеска се присутни пред објектот, но во помал број отколку на првото рочиште. Обвинетите, кои се наоѓаат во притвор, беа донесени со полициски комбиња, под строги процедури и засилена контрола.
На обвинителната клупа седат вкупно 38 обвинети кои денеска треба да го изнесат своето изјаснување за вина и да дадат воведни зборови. Дел од нив се директно поврзани со управувањето и функционирањето на локацијата каде што се случи трагедијата.
Паралелно со главната постапка, тече и посебна истрага насочена кон полициски службеници кои се сомничат за давање лажни уверувања и овозможување работа на дискотеката без исполнети минимални технички и безбедносни стандарди. Минатата недела Обвинителството отвори постапка и против неколку лица од УЈП, осомничени за мито и злоупотреби поврзани со истиот случај.
Судијката Диана Груевска Илиевска, која го води процесот, уште пред почетокот на денешното рочиште предупреди дека ќе бара максимална дисциплина од сите страни. Таа истакна дека секој обид за неоправдано одложување ќе биде строго санкциониран.
Очекувањата се дека денешниот ден ќе биде исклучително динамичен и дека ќе донесе нови клучни моменти во процесот кој внимателно го следи целата јавност.















