Вистинска паника утринава ги вознемирила жителите на нова станбена зграда во скопската населба Кисела Вода, откако пред самиот влез на објектот избувнал пожар во раните утрински часови.
Според информациите, инцидентот се случил околу 5 часот наутро, кога се запалила електрична инсталација која, според сведоштвата на станарите, била поставена пред извесен период.
Огнот за кратко време предизвикал густ чад кој се проширил низ влезот на зградата, создавајќи страв и неизвесност кај жителите. Дополнителна вознемиреност предизвикале и силните детонации кои се слушале додека траел пожарот.
Исплашени од ситуацијата, голем број станари, меѓу кои и семејства со мали деца, итно ги напуштале своите домови и по скалите се упатиле надвор од зградата за да се заштитат од чадот и евентуалното ширење на огнот.
По инцидентот, објектот останал без електрична енергија. На местото на настанот утрово биле присутни и полициски екипи, додека надлежните институции треба да спроведат истрага и да утврдат што точно го предизвикало пожарот, како и дали постои одговорност за настанатата материјална штета.
Во јавноста е објавена и видео снимка од настанот која ја покажува сериозноста на ситуацијата и вознемиреноста што ја предизвикал пожарот меѓу станарите.










