Албанската полиција во Елбасан уапсила македонски државјанин од Струга, откако во неговото комбе бил откриен еден килограм хероин скриен во гумата на возилото, во обид за илегален пренос преку македонско–албанската граница.
Според полициското соопштение, лицето Л.Г. (32) од Струга, заедно со албански државјанин А.Б. (45) од Драч, биле запрени на патниот правец Булќиза–Либражд, каде била извршена детална контрола на возилото. При проверката, полицијата во внатрешноста на една од гумите открила скриена количина хероин, која според првичните информации била наменета за албанскиот наркопазар.
Истрагата укажува дека дрогата била пренесена преку таканаречениот „зелен појас“ на границата, избегнувајќи ги официјалните гранични премини, со цел да се олесни нелегалниот транспорт.
Освен наркотичната супстанција, полицијата како материјални докази го запленила и комбето марка „Фиат“, два мобилни телефони, како и готовина во износ од околу 40.000 леки, 50 евра и 290 денари.
Случајот е предаден на Обвинителството во Елбасан, кое ќе ја продолжи постапката, а двајцата уапсени се товарат за кривично дело поврзано со „трговија со наркотични супстанции“. Истрагата за целиот канал на шверц продолжува.








