Смилјана Р. (27), државјанка на Србија, загина во несреќа на Проклетије кога паднала од карпа во бездна длабока 250 метри, откако се обидела да заобиколи една карпа. Нејзината сестра се прости од неа со потресни зборови на Фејсбук.
Од Грција, преку Алпите, па сè до Африка: Смилјана (27) која загина на Проклетије ги освојуваше НАЈВИСОКИТЕ ВРВОВИ на планините
„Мојата сестра Смилја го даде својот живот спасувајќи туѓ. Кога планинар од нејзината група добил напад на паника на карпата и побарал да му се фрли јаже, таа му го фрлила своето. Така останала без своето осигурување, малку пред самиот врв...“, напиша сестрата на настраданата девојка.
Таа потоа објасни и каков однос имале нив две:
„Да знаете само каква беше мојата Смилја. Имавме најубаво детство. Прво едвај чекав да порасне за да можеме да си играме. Потоа бевме неразделни. Јас ја научив да чита, а таа мене да гледам на часовник. Во нејзините 27 години собра толку многу живот, колку што некој не проживува ни за 100. Книга може да се напише, филм да се сними. За толку кратко време таа секој свој талент го умножи милион пати. За што и да се фатеше, беше најдобра во тоа. Кошарка, квизови, планинарење, алпинизам, јазици… И ништо не ѝ беше тешко, никогаш. Сè може и сè сака, па уште и другите ги мотивира“, напиша таа.
Сестрата додаде дека сите ја сакале Смилјана:
„Луѓето ја сакаа, ја почитуваа, ѝ се восхитуваа, ѝ завидуваа. Но, никој не беше рамнодушен. Не можеше да немаш мислење за Смилја. Кој не ја познаваше, ќе помислеше дека е молчелива и ладна, бидејќи никогаш не се трудеше да му се допадне кому било. И баш ѝ беше гајле што мислат за неа луѓето кои не ѝ се важни. Малку зборуваше, но кога ќе кажеше нешто, тоа се паметеше. Знаеше добро да се пошегува и никогаш не се лутеше кога ние се шегувавме на нејзина сметка.
Беше неустрашива. 'Ајде да возиме кајаци на минус два, да одиме на ферата, да преминуваме планински поток, бидејќи кога ако не сега'. А истовремено беше многу внимателна и одговорна. 'Не грижете се, јас никогаш не правам следен чекор, ако тој не е безбеден'.
Ќе ми недостигаат нашите патувања и традиционалното 'тажно селфи' пред враќањето. Подобар сопатник немаше. Ќе ми недостига да си испраќаме песни од секоја забава. Ќе ми недостига нејзината блага, малку потсмешлива полунасмевка со која реагираше на сè. И што ме караше кога и да бев мрзоволна. 'Јаде, Данка, како можеш да бидеш нерасположена на вака убаво место, каде што можеби никогаш повеќе нема да дојдеш!'
И тоа е само мал дел од сè она што беше мојата Смилја, мојата убавица и добрина. Најблагородното битие на планетата. Добар дел од нејзините 27 години поминавме заедно и за тоа сум му бесконечно благодарна на Бога. Никој немаше таква сестра… Се гледаме еден ден, драга моја Смилјо. А дотогаш, фрли по некој поглед од горе и помисли понекогаш на нас“, напиша таа.
Детали за несреќата
Да потсетиме, како што пренесоа медиумите, Смилјана настрада во саботата, 6. јуни, за време на планинарење. Во тој момент со неа биле и двајца мажи кои го пријавиле нејзиниот пад во полиција. Потрагата по нејзиното тело траеше до 8. јуни, бидејќи мораше да биде прекината поради лошите временски услови.
„Не станува збор за неискуство, туку за влегување во реално голем ризик“
Како што објасни за „РТЦГ“ Ахмет Рековиќ, планинарски водич, во акцијата за потрага бил ангажиран и хеликоптер. Тој објасни дека трагедијата се случила на многу непристапно место.
„Тоа е неверојатно непристапен и висок врв. Вистински шилец со висина од 2.275 метри“, рече тој.
Овој врв првпат бил освоен пред две години, а несреќната девојка била во група искусни алпинисти кои се искачиле, но на самиот врв, при обид да заобиколи една карпа, таа пропаднала. Под неа имало бездна длабока 250 метри. Хеликоптерот ги спуштил спасувачите на таа длабочина и кружел додека тие се обидувале да го лоцираат телото на настраданата планинарка.
„Не станува збор веќе само за неискуство, туку за влегување во реално голем ризик. Овој врв е предизвикувачки и стана прашање на престиж меѓу алпинистите, што е целосно непотребно“, појасни Рековиќ.








